Дигитални права МИОА ќе сподели искуства за дигитализацијата со Финансиската агенција од Хрватска

МИОА ќе сподели искуства за дигитализацијата со Финансиската агенција од Хрватска

Министерството за информатичко општество и администрација денеска и утре е домаќин на делегација од Финансиската агенција (ФИНА) од Република Хрватска, составена од раководители од областа на информациско-комуникациските технологии, јавните услуги и организациски и правни работи.

Од МИОА соопштија дека целта на посетата е презентација на хоризонталните системи кои веќе ги имплементира ова министерство, на барање на ФИНА, од каде пројавиле интерес да научат, и понатаму и во Хрватска да ги пренесат македонските искуства во областа на дигитализацијата.

„Во последните неколку години решивме со меѓународни финансии, претежно со ИПА-фондови да инвестираме во дигитализација на системот и конечно, по две-три години планирање, стратегии, реализации, инсталации изградивме комплетна платформа, и тука мислам не само на Националниот портал за е-услуги, тука е и Регистарот на население, Каталогот на услуги“, рече меѓудругото Манчевски, додавајќи дека електронските услуги првата година ќе бидат насочени само кон граѓаните, а планот е следната година тоа да се прошири и за бизнисите.

Вработени во МИОА ги претставија проектите како што се платформата за Национална интероперабилност, Каталог на административни услуги, Регистар на услуги со упатство, правната рамка и процесите за исполнување на услугата, како и Националниот портал за е-услуги и Регистарот на население.