Свет Балкан Министрите за транспорт и директори на царински служби на Самитот за поврзаност...

Министрите за транспорт и директори на царински служби на Самитот за поврзаност во Будва

„Модерните патишта се потенцијал за отворање нови работни места, што директно влијае на економскиот просперитет на регионот“, кажа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски

Фото: Самит за поврзување 2023

Транспортната поврзаност ја поттикнува соработката меѓу земјите од Западен Балкан и земјите од Европската Унија, промовираат економски можности и имаат позитивен ефект врз стандардот на граѓаните од регионот. Ова беше еден од заклучоците на Самитот за поврзување 2023, кој се одржа во Будва на 15 и 16 мај, во организација на ЦЕФТА и Транспортните заедници. На настанот учествуваа министрите за транспорт, директорите на царинските служби и други високи функционери од Западен Балкан и соседните земји-членки на ЕУ, како и набљудувачи во транспортната заедница (Молдавија, Украина и Грузија).

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кажа дека модерен и добро поврзан транспортен систем, е потенцијал за економски развој на целиот регион. Зборувајќи за проектите што Македонија во моментов ги реализира, тој кажа дека тие проекти ќе ги поврзат земјите од Западен Балкан директно со соседните земји, членки на Европската Унија – Бугарија и Грција.

„Модерните патишта се потенцијал за отворање нови работни места, што директно влијае на економскиот просперитет на регионот“, кажа тој.

Присутните зборуваа за досега реализираните проекти и разменија мислења за понатамошната динамика и перспективи на соработка, за да има унапредување на транспортното, безбедносното и инфраструктурното поврзување на земјите за доброто на граѓаните од целиот регион.

Потпретседателот на Владата на Црна Гора и министер за капитални инвестиции, Ервин Ибрахимовиќ, рече дека земјите од регионот имаат голема и предизвикувачка задача, чија реализација ќе ја подобри мобилноста и транспортната поврзаност, но и ќе ги зајакне врските на земјите од Западен Балкан.

Емир Џикиќ, директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, рече дека Самитот е можност да се разговара за тоа како ЦЕФТА може дополнително да помогне во поврзувањето. Според Џикиќ, укинувањето на царините во регионот е еден од првите чекори кон таа цел, но потребно е да се направи сé за компаниите од регионот да бидат поконкурентни на регионалниот и на европскиот пазар.

Директорот на Управата за приходи и царина на Црна Гора, Владимир Булајиќ, ја истакна важноста од подобрување на инфраструктурата и воспоставување интегрирано гранично управување, што, како што рече, придонесува за поголема безбедност, олеснување на процедурите и скратување на времето на задржување на патниците и стоките на граничните премини.

На овој Самит беше усвоена Заедничката ЦЕФТА-ТЦТ декларација „Проширување на Зелените ленти“, која дополнително ќе го олесни транспортот и трговијата со цел да се намали времето на чекање и да се подобри ефикасноста на логистиката и синџирите на вредност на ЕУ.