Свет Балкан Министрите потпишаа заедничка изјава за борба против корупција во Југоисточна Европа

Министрите потпишаа заедничка изјава за борба против корупција во Југоисточна Европа

Потпишувањето на Заедничката изјава во Скопје следи откако Северна Македонија како годинешен претседавач со ОБСЕ на 31 октомври 2023 година беше домаќин на Регионалната конференција за борба против корупцијата, перење пари и олеснување на напорите за враќање на имотот во Југоисточна Европа

Фото: Порталб.мк

Како пропратен настан на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, денеска беше потпишана Заедничката изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку враќање на имотот и користење на дигитализација.

Заедничката изјава ја потпишаа актуелниот претседавач со ОБСЕ и министер за надворешни работи на С.Македонија Бујар Османи, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, босанскиот министер за надворешни работи Елмедин Конаковиќ, црногорскиот министер за надворешни работи Филип Ивановиќ, албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани, како и Анита Рамасастри, Специјалниот претставник на ОБСЕ за борба против корупција.

Потпишувањето на Заедничката изјава во Скопје следи откако Северна Македонија како годинешен претседавач со ОБСЕ на 31 октомври 2023 година беше домаќин на Регионалната конференција за борба против корупцијата, перење пари и олеснување на напорите за враќање на имотот во Југоисточна Европа, а во соработка со Одделот на ОБСЕ за транснационалните закани и Канцеларијата на координаторот за економски и еколошки активности на ОБСЕ. Во рамките на оваа конференција, претставниците на земјите-учеснички од Југоисточна Европа поддржаа заедничка изјава на темата и најавија дека таа ќе биде потпишана на маргините на Министерскиот совет на ОБСЕ.