Македонија Министерството за животна средина ќе додели средства на 108 граѓански организации за...

Министерството за животна средина ќе додели средства на 108 граѓански организации за финансирање проекти

Извор на фотографија: Град Скопје

На конкурсот за доделување на средства според Програмата за инвестиции во животна средина за 2021, пристигнати се 335 апликации за финансирање на проекти од граѓански здруженија, а од нив успешни се 108, информира Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). По сомнежот за можен судир на интереси со една од избраните граѓански организации, МЖСПП ја задолжи комисијата за избор да изврши проверка на листата на апликации заради спречување на евентуална поврзаност со актуелни вработени и функционери во ова министерство.

„Комисијата во моментов ги ревидира селектираните апликанти и сѐ уште не е потпишан ниту еден договор за доделување на средствата. Доколку се наиде на судир на интерес со некое здружение на граѓани, истото ќе биде исклучено од Одлуката за избор и ќе се пристапи кон нејзина измена. Дополнително, од избраните апликанти ќе се побара да потпишат изјава за непостоење на судир на интерес, без која нема да биде потпишан ниту еден договор“, соопштуваат од МЖСПП, не посочувајќи за која организација станува збор.

Додаваат дека, заради заштита на комисијата која не е во можност да ги истражува историјатите и поврзаноста на членовите на здруженијата на граѓани со евентуални вработени во МЖСПП, при ваков број на поднесени апликации, и заради избегнување на случаи на судир на интерес, ќе се пристапи кон дополнување на потребните документи за селекција во постапката и ќе се побара и вклучување на изјава за непостоење на судир на интерес во сите идни повици.