Македонија Мицкоски се сретна со Орбан во Будимпешта, за Груевски ниту збор

Мицкоски се сретна со Орбан во Будимпешта, за Груевски ниту збор

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение информираше дека претседателот на партијата, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот Александар Николоски во Будимпешта се сретнале со унгарскиот премиер Виктор Обран. Но, во соопштението за јавност, кое патем не е објавено на нивната веб-страница, нема детали околу тоа дали Мицкоски се сретнал и со почесниот претседател на партијата, осудениот поранешен премиер Никола Груевски, кој се наоѓа токму во Будимпешта и како бегалец од правдата ужива азил.

Во соопштението се посочува дека Мицкоски и Орбан разговарале „за актуелната политичка и економска состојба во земјава“, но и за „прашања поврзани за меѓусебна соработка на партиско ниво“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Унгарската граѓанска алијанса – „Фидеш“ чиј претседател е Орбан. Двете партии се членки на Европската народна партија која кон крајот на ноември ќе одржи Конгрес во Загреб.

Мицкоски, се вели во соопштението, посочил дека за ВМРО-ДПМНЕ „исклучиво важни се европските перспективи на Република Македонија кои се загрозени од неодговорната Влада на Заев“.

Тој додал дека и покрај „отсуството на реформи, и сериозните индиции за криминално работење на владата кое допрва треба да се преиспита“, сметал дека е потребно земјава да добие датум за преговори.

Како што потенцираат од опозициската партија, средбата била „на државно ниво и со официјален пречек“ во резиденцијата на Орбан, односно во замокот „Кармелита“, каде унгарскиот премиер остварувал „редовни средби со премиери, претседатели и други високи гости“.