Македонија Мицкоски до Хан: Сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјава, загрозувајќи ја...

Мицкоски до Хан: Сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјава, загрозувајќи ја и европската иднина

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се сретна со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската унија,  Јоханес Хан.

„Сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјава и ја подриваат правната држава загрозувајќи ја и европската иднина“, изјавил Мицкоски на средбата.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека Мицкоски истакнал дека „немањето на волја за справување со корупцијата и сомнежите за криминал се гледа и во предлог-законот на премиерот Заев за организирање на обвинителството каде наместо непристрасна борба против корупцијата се нудат решенија кои ќе бидат алатка за политички притисоци и заштита на криминалот“.

Во однос на европската перспектива на земјава Мицкоски посочил дека „граѓаните не треба да бидат казнети поради лошите политики на неодговорната власт и затоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребно да се додели датум за преговори со Европската унија што би било и дополнителен механизам за контрола на власта.“

„Воедно Мицкоски истакна дека услов за нова лидерска средба и дијалог со власта за повеќе прашања е одредување на датум за предвремени парламентарни избори како начин за враќање на процесите на вистинскиот правец и обезбедување на европска иднина за Република Македонија“, се додава во соопштението.