Свет Европа Меркел жали за Брексит, но најави блискост на Брисел со Лондон

Меркел жали за Брексит, но најави блискост на Брисел со Лондон

Европа не треба да извлекува брзи и едноставни заклучоци што ќе создадат нови поделби во ЕУ, изјави германската канцеларка Ангела Меркел откако Британците одлучија да ја напуштат Европската Унија.

Таа изрази длабоко жалење и порача дека ЕУ во иднина ќе има блиски односи со Велика Британија.

– Сè до излегувањето од ЕУ, Велика Британија ги има сите права и обврски како членка на Унијата. Нашата цел треба да биде да имаме блиски и кооперативни односи со Велика Британија во иднина – рече Меркел, додавајќи дека ЕУ е доволно силна за да најде вистински одговори за резултатите од референдумот во Велика Британија.

Меркел им порача на Европејците никогаш да не заборават дека основањето на Европската Унија е „идеја на мирот“.

Во меѓувреме, германската канцеларка за понеделник свика состанок со францускиот претседател Франсоа Оланд, италијанскиот премиер Матео Ренци и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на кој ќе разговараат за чекорите на ЕУ по Брексит.