Свет Европа Меркел: Грција најбргу што може да обезбеди сместување за бегалците

Меркел: Грција најбргу што може да обезбеди сместување за бегалците

Грција мора да го исполни ветувањето и да обезбеди сместување за 50.000 бегалци, а Европската Унија би можела да ѝ помогне во тоа, порача денеска германската канцеларка Ангела Меркел.

Меркел, која е под притисок да го намали бројот на новодојдени баратели на азил, откако повеќе од еден милион мигранти и бегалци влегле во Германија, истакна дека Грција може да смета на поголема помош од другите земји-членки на ЕУ.

– Од разговорите со грчкиот премиер Алексис Ципрас, знам дека тој сака тоа да го спроведе, но дека му е потребна наша помош и затоа ЕУ мора да ја поддржи Грција во знак на солидарност со неа – нагласи Меркел во интервју за германскиот весник „Билд ам зонтаг“.

Таа, исто така, истакнала дека Австрија и балканските земји сноселе најголем дел од вината за новонастанатата ситуација во Грција, затоа што едноставно одлучиле да наметнат контрола врз границите.

Ципрас, исто така, ја обвини Австрија, но и балканските земји дека ја „уништуваат Европа“ со наметнување контрола на границите за да го забават протекот на мигранти кон земјите северно од Грција.