Свет Европа Меј најави ревизија на британската стратегија за борба против тероризмот

Меј најави ревизија на британската стратегија за борба против тероризмот

Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, осудувајќи го терористичкиот напад во кој загинаа седум лица, а 48 беа повредени, рече дека „е време да се каже доста е“, пренесува „Би-би-си“.

Меј, како што наведува британскиот национален сервис, најавила ревизија на стратегијата на земјата за борба против тероризмот.

Терористичкиот напад се случи синоќа, околу 22 часот, кога бело комби прегази пешаци на Лондонскиот мост, по што тројца напаѓачи излегле надвор и со ножеви изболе неколку луѓе во близина на Бороу маркет.

Тројцата напаѓачи, кои носеле лажни појаси за експлозив, се убиени во интервенцијата на полицијата.

Станува збор за трет терористички напад во Велика Британија за три месеци, кој следи по нападот со автомобил и со нож во Вестминистер во март, во кој загинаа пет лица, и бомбашкиот напад за време на концерт во Манчестер, пред околу две недели, кога загинаа 22 лица.

Синоќешниот напад се случува пет дена пред предвремените парламентарни избори во Велика Британија кои треба да се одржат в четврток.

Најголем дел од политичките партии ги прекинаа своите изборни кампањи, по синоќешниот напад. Сепак, премиерката Меј изјави дека кампањите ќе продолжат утре и дека изборите ќе се одржат в четврток, како што е планирано.

„Не смее да му се дозволи на насилството да го наруши демократскиот процес“, истакнала Меј, пренесува „Би-би-си“.