Култура Меѓународниот семинар за македонски јазик одбележа 56 години постоење

Меѓународниот семинар за македонски јазик одбележа 56 години постоење

Лекторите по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети се културни амбасадори на македонистиката која има длабока традиција и богата дејност повеќе од половина век

Првиот состав на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ. Фото: МСМЈЛК

На денешен ден, пред 56 години, бил основан Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ во Скопје. Семинарот има богата традиција на македонистиката кај нас и во светот. Меѓународниот семинар има 11 македонстички лекторати во девет земји: Франција, Руската федерација, Турција, Хрватска, Полска, Унгарија, Романија, Кина, а од декември годинава и во Албанија.

„Досега сега се одржани 56 летни школи и три зимски школи, на кои учествувале повеќе од 4.000 учесници од над 60 земји, меѓу кои истакнати: македонисти, филолози, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканолози, преведувачи, научни работници, семинарист и студенти што го изучуваат македонскиот јазик на нашите лекторати и универзитетите во светот. Како внатрешна организациска единица на УКИМ во Скопје, Меѓународниот семинар има висок приоритет во програмските определби на проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ“, наведено е во соопштението.

Лекторите по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети се културни амбасадори на македонистиката која има длабока традиција и богата дејност повеќе од половина век.

„Меѓународниот семинар има комплексна дејност: организирање на летни и зимски за странски македонисти, богата издавачка дејност, организира подготвителна настава по македонски јазик за странски државјани, ја афирмира македонистиката во светот и кај нас, развива културно-дипломатска дејност и широка мрежа на соработка во светот. Мисијата на македонистиката не може да се замисли без дејноста на Меѓународниот семинар при УКИМ и затоа неговата дејност треба да биде еден од врвните државни и национални приоритети преку долгорочна, континуирана и координирана стратегија за развој“, се наведува во соопштението.