Македонија Меџити: Ни треба целосна реорганизација на здравството, зошто е во многу лоша...

Меџити: Ни треба целосна реорганизација на здравството, зошто е во многу лоша кондиција

Министерот најавува електронски модул со којшто точно ќе се знае кој лек до кога има рок на употреба, каде може да се најде во кои количини

Фото: Влада на РСМ

Цела јавност и пациентите знаат дека здравството е во лоша кондиција и јас би кажал дека тоа не е поради немање средства, туку поради организацијата. Ќе ни треба нова реорганизација и систематизација на целото јавно здравство во нашата држава, посочи министерот за здравство Фатмир Меџити во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој посочува на низа мерки што ќе се преземат, за подобрување на состојбите, меѓу кои и интервенции во менаџирањето на клиниките. Се надева дека на почетокот на следната година ќе биде укината функцијата организациски директор, за која вели дека преголем финансики товар.

„За жал, се уште се назначуваат такви организациони директори зошто законот е таков и јас се зафатив со тој проблем и веќе пред месец дена информацијата ми е во Влада. Реков дека во овој мал простор 66 директори и 33 правни субјекти и управни одбори што воопшто не се потребни според нашите пресметувања и се договараме и со Влада и со Фондот за здравство дека е најдобро да се укинат тие места од 1 јануари 2024 година. Тоа подразбира дека во тој момент ќе ги снема тие организациски директори. Тоа не значи дека тие ќе останат без работа, некои ќе се вратат на претходните места, а другите ќе видиме ќе се организираме и ќе ги вработиме“, вели Меџити.

Министерот за здравство за недостигот на лекови и опрема, вели дека не знае зошто тоа досега се случувало, но ветува механизам со кој набавката на лековите, особено за ретките болести да се одвива по автоматизам.

„Тоа што ние го правиме, еве за ретките болести е електронски модул каде точно ќе се знае кој лек до кога има рок на употреба, каде може да се најде во кои количини и тоа што е најважно, јас како министер и Кабинетот во секој миг ќе имаме увид кој лек каде го има или нема. Јас не знам зошто никој не одговарал досега за овие работи и затоа сакам да поставам механизам без разлика кој ќе биде министер утре, да не е до негова волја дали ќе распише или не тендер. Да биде по автоматизам. Тоа е законска обврска ама проблемот во државата е што никој не одговара за своите постапки“, вели Меџити.