Македонија Манчевски: Случајот „Тврдина“ е доказ дека немало сечени, лепени и монтирани снимки

Манчевски: Случајот „Тврдина“ е доказ дека немало сечени, лепени и монтирани снимки

Настаните од вчера се најдобар доказ дека немало странски служби, немало жолти комбиња, немало сечени, лепени и монтирани снимки, изјави денеска потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски запрашан за коментар за вчерашната прес-конфереција на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Тврдина“.

– Вчерашните настани се најдобар доказ дека Никола Груевски постојано и цело време лаже. Вчерашните настани се најдобар доказ дека сите оние коишто го прекршиле законот ќе одговараат и дека Никола Груевски ќе одговара – рече Манчевски.

Специјалното јавно обвинителство вчера отвори истражна постапка во која ги товари началникот на Петтата управа на УБК, Горан Грујовски и уште четворица осомничени, меѓу кои и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска дека минатата година ги уништиле системите за незаконско прислушување вредни 10 милиони евра.

Судија на претходна постапка синоќа го прифати барањето на СЈО и му одреди мерка притвор на првоосомничениот, Грујовски.

Ова е прва изречена мерка притвор против осомничен во случаите што ги покрена СЈО за предмети повразни или кои што произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.