Главна секција Макрон ја победи Ле Пен на изборите во Франција и обезбеди втор...

Макрон ја победи Ле Пен на изборите во Франција и обезбеди втор мандат

Изборни плакати на Марин Ле Пен и Емануел Макрон, 6 мај 2017 г. Lorie Shaull from St Paul, United States, CC BY 2.0, Викимедија комонс

Францускиот претседател Емануел Макрон со значителна предност ја победи својата ривалка од екстремната десница Марин Ле Пен на денешниот втор круг од претседателските избори во Франција. Како што пренесува Ројтерс, според предвидувањата, Макрон обезбеди втор мандат избегнувајќи нешто што ќе значеше политички земјотрес.

Според првичните резултати, Макрон обезбеди 57 – 58 отсто од гласовите. Ваквите предвидувања обично се прецизни, но може да претрпат мали измени како што се пребројуваат гласовите.

Изблици на радост се забележани во Франција откако првичните резултати се појавија на огромниот екран на паркот Шам Де Мар во подножјето на Ајфеловата кула, каде што поддржувачите на Макрон развиорија знамиња на Франција и на ЕУ. Луѓето се гушкаа и извикуваа „Макрон“, објави Ројтерс.

Наспроти тоа, поддржувачите на Ле Пен реагираа со негодување и свирежи штом ги слушнаа првичните резултати на собир во предградие на Париз.

Макрон ќе се приклучи на мал клуб на само двајца претседатели на Франција кои претходно успеале да обезбедат втор мандат. Но, разликата во победата изгледа дека е потесна отколку во првата негова изборна победа над Ле Пен во 2017 година, што покажува колку многу Французи остануваат неимпресионирани од него и од неговата политика.

За време на кампањата, Макрон посочи на поранешната прврзаност на Ле Пен кон Русија и Владимир Путин, поради што, како што рече, не може да ѝ се верува. Уште повеќе поради тоа што таа сè уште наводно инсистира да ја извлече Франција од Европската унија, нешто што Ле Пен го негира.