Македонија Македонската амбасадорка во Белград повикана во српското МНР

Македонската амбасадорка во Белград повикана во српското МНР

Амбасадорката на Македонија во Србија, Вера Јовановска, денеска итно била повикана на разговор во Министерството за надворешни работи на Србија, за да ги објасни околностите поради кои биле прислушувани телефоните на советникот во Амбасадата на Србија во Скопје, Горан Живаљевиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, и на новинарот на весникот „Политика“, Мирослав Лазански, како и фактот дека транскрипти од нивните разговори протекоа во јавноста.

Од амбасадорката е побарана информација и дали на разговор во Министерството за надворешни работи на Македонија биле повикани амбасадорите на сите земји чии претставници на тајните служби биле видени во зградата на Собранието во текот на насилствата на 27 април или тоа е случај само со амбасадорката на Србија, соопшти српското МНР.

Амбасадорката Јовановска, како што се наведува, рекла дека македонските надлежни служби не располагаат со информации за присуство на припадници на други тајни служби во Собранието, како и дека нема податоци за тоа како наведените транскрипти протекле во српските медиуми. Јовановска укажала дека „во Македонија во тек е транзиција на власта“ и искажала уверување дека во наредниот период сите недоразбирања ќе бидат надминати, се додава во соопштението.

Претставниците на српското МНР од амбасадорката на Македонија побарале „на Скопје“ да му ги пренесе очекувањата на Србија дека добрососедските односи може да се развиваат и да се унапредуваат само на основа на меѓусебно уважување и почитување на општо прифатените дипломатски принципи, како реципроцитетот и рамноправниот третман на сите членови на меѓународната заедница.