Економија „Магна Мехатроникс“ гради фабрика во Штип, ќе бидат вработени 600 лица

„Магна Мехатроникс“ гради фабрика во Штип, ќе бидат вработени 600 лица

Со оваа инвестиција се обезбедува право на пристоен живот за најмалку б00 граѓани од овој регион со плати 20 отсто над државниот просек, кажа директорот Деспотовски

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски во технолошко-индустриската развојна зона Штип се обратија на означувањето на почетокот на градежните работи на нова фабрика, која е инвестиција на „Магна Мехатроникс“. Фабриката произведува интегрирани системи од механички и електронски компоненти и е една од групациите на канадската компанија „Магна Интернационал“.

„Магна Интернационал“ е една од најреномираните светски компании, која е специјализирана да дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите позначајни производители на автомобили во светот. Се работи за проширување на опсегот на работа на компанијата со нов инвестициски проект, покрај фабриката на компанијата во ТИРЗ Струга“, информираат во Владата.

Ковачевски кажа дека ова е јасен сигнал дека Северна Македонија нуди поволен и предвидлив деловен амбиент за компаниите за нови инвестиции.

„Технолошко-индустриските развојни зони се моторот на нашата економија, а компаниите како „Магна Мехатроникс“ се компании кои го зголемуваат не само бројот на работни места во државата, не само БДП, туку и меѓународното реноме на нашата држава“, рече Ковачевски.

Тој ги спомена и последните значајни инвестиции меѓу кои се оние на „Герејсхајмер“ и „Јагео“.

Директорот Деспотовски кажа дека со оваа инвестиција се обезбедува право на пристоен живот за најмалку б00 граѓани од овој регион, со плати 20 отсто над државниот просек.

„Ова е пример и вистински модел на соработка на одговорни политичари и институции преку кои покажуваме дека може да испорачаме конкретни резултати за граѓаните“, рече тој.