Свет Европа Лондон со остри критики до Трамп поради „твитовите“ за терористичкиот напад

Лондон со остри критики до Трамп поради „твитовите“ за терористичкиот напад

Високиот британски функционер Демијан Грин денеска го критикуваше претседателот на САД, Доналд Трамп, поради неговите пораки на „Твитер“ во врска со полициската истрага за терористичкиот напад во метро-станицата во Лондон.

Грин, кој ја има почесната титула прв државен секретар, за „Скај њуз“ изјавил дека „твитот“ на Трамп за полициската истрага не бил од помош. Тој ѝ се придружи на британската премиерка Тереза Меј која во петокот, исто така, го критикуваше Трамп за истата порака.

Американскиот претседател во петокот, по бомбашкиот напад во кој беа повредени 29 лица, на „Твитер“ напиша дека извршителите ѝ биле познати на британската полиција. Тој во неколку твитови експлозијата во Лондон ја оцени како напад на „терористи – губитници“ и алудираше дека лондонската полиција пропуштила да ги спречи.

Грин ги замолил сите, од претседателот на САД, па натаму, да не пишуваат пораки на „Твитер“ додека трае полициската истрага за терористичкиот напад.

Тој додал дека разузнавачка соработка меѓу САД и Велика Британија постои и дека таа помага граѓаните да бидат безбедни.