Свет Европа Лондон бара копија од „Панама пејперс“

Лондон бара копија од „Панама пејперс“

Британската влада побара денеска копија од податоците што протекоа во медиумите за клиентите на адвокатската фирма од Панама, за да може да ги проучи тие информации и да дејствува по повод евентуално затајување данок.

Во документите се објавени податоци на неколку стотини илјади клиенти на адвокатската компанија „Мосак Фонсека“, а во еден од документите е споменат и Ијан Камерон, покојниот татко на британскиот премиер Дејвид Камерон, како и некои членови на неговата Конзервативна партија и партиски донатори.

Генералната директорка во британската даночна управа, Џени Гренџер, потврди дека владата ги побарала информациите до кои дошле од Конзорциумот на истражувачки новинари.

Британија врати повеќе од две милијарди фунти од лицата што затаиле данок во странство, од кога на власт дојдоа конзервативците на Камерон од 2010 година.