Подглавна секција Либан прогласи тридневна жалост, бројката на загинати достигна 137, а околу 5.000...

Либан прогласи тридневна жалост, бројката на загинати достигна 137, а околу 5.000 се повредени

Во Бејрут бројката на загинати достигна 137 лица, околу 5.000 се повредени, а 300.000 луѓе останаа без своите домови, се вели во последните извештаи на новинските агенции за билансот на загинати и повредени по катастрофалната експлозија што завчера го погоди главниот град на Либан.

Во градот е воведена вонредна состојба во времетраење од две недели, а во државата е прогласена тридневна жалост поради изгубените животи во експлозијата, чиј број веројатно ќе се зголемува и во претстојниот период.

Заради истрагата, Владата на Либан одлучи да ги стави во домашен притвор сите службеници од пристаништето во Бејрут, задолжени за надзор и безбедност на магацинот.

Првичните резултати од истрагата покажуваат дека небрежноста е виновна за експлозијата. Имено, претседателот Мишел Аун изјави дека 2.700 тони амониум нитрат, кој се користи за ѓубриво и бомби, биле складирани на пристаништето шест години откако бил запленет.

Според Кристофер Базби, британски експерт за ефекти на јонизирачко зрачење и научен секретар на Европскиот комитет за ризици од радијација, експлозијата во Бејрут е трета по моќност во историјата, веднаш по експлозиите на нуклеарните бомби во Хирошима и Нагасаки во Втората светска војна.