Македонија Лекарската комора го осуди објавувањето снимка од пациенти од страна на анестезиологот...

Лекарската комора го осуди објавувањето снимка од пациенти од страна на анестезиологот од Тетово

„Лекарската комора нема да дозволи ваквите изолирани инциденти да бидат на товар на сите лекари кои професионално и одговорно секојдневно постапуваат и лекуваат пациенти“, се вели во соопштението за јавноста.

Лекарска комора на РСМ. Илустрација: ЛК на РСМ

Лекарската комора соопшти дека најостро го осудува инцидентот со анестезиологот од Клиничка болница Тетово кој објавил видео снимка од пациенти на ТикТок. Комората порачува дек ќе го разгледа случајот и ќе преземе соодветни мерки.

„Барањето за почитување на сопствените права, тргнува од почитувањето на туѓите права, во случајов правата на пациентите, затоа во најкус рок органите на Комората ќе бидат свикани да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки“, соопшти комората.

Таа потсетува дека со Кодексот за медицинска деонтологија лекарите се обврзуваат дека професија ќе ја вршат совесно и одговорно, дека ќе го почитуваат човековото достоинство и правата на болните и ќе ја чуваат нивната доверба.