Свет Балкан Лавров: Русија ќе го прифати името што ќе го договорат Скопје и...

Лавров: Русија ќе го прифати името што ќе го договорат Скопје и Атина

Кое било решение (за спорот за името) што ќе го изнајдат Македонија и Грција и кое ќе биде поткрепено во македонскиот Устав, ние (Руската Федерација) најверојатно ќе го прифатиме, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, одговарајќи на прашање на грчки новинар на годишната прес-конференција на министерот за надворешни работи на Русија, што се одржува денеска.

Лавров истакна дека спорот за името меѓу Скопје и Атина долго време бил во „полузаспана ситуација“ и дека заживеал откако САД одлучиле Македонија да влезе во НАТО.

Шефот на руската дипломатија потсети дека Грција е веќе членка на НАТО и оти не и е неопходно да прави отстапки околу ова прашање, туку дека тоа треба да го стори Македонија, која се надева дека ќе влезе во НАТО.

– Во однос на ревитализирањето на напорите за решавање на проблемот за официјалното име на Македонија, овие напори беа долго во полузаспана состојба и се интензивираа дури тогаш, кога САД одлучија, дека Македонија треба да биде во НАТО…Суштината на она што се случува се надевам дека е разбирлива за сите, тука не станува збор за земање предвид на заедничките и специфичните карактеристики на два блиски народа, туку за тоа дека една од овие земји нужно мора да стане членка на НАТО – рече Лавров.

На традиционалната прес-конференција, која трае неколку часа Лавров прави преглед на централните теми од минатата и на оние кои претстојат во новата година и одговара на новинарски прашања и за други теми од руската надворешна политика.