Свет Балкан Лајиќ: Српските компании ќе бараат правда пред меѓународните судови

Лајиќ: Српските компании ќе бараат правда пред меѓународните судови

Српскиот министер за трговија, туризам и за телекомуникации, Расим Лајиќ, изјави дека поради штетата што настанала од затворањето на границата со Хрватска, можно е компаниите да побараат правда пред хрватскиот или меѓународните судoви.

Тој оцени дека притисокот на Брисел бил пресуден врз одлуката на Хрватска да ја прекине блокадата на граничните премини.

– Некој ќе плаќа пенали и казни за ова затворање на границата. Можно е некој од претприемачите да бара правда пред хравтските или меѓународните судови, поради нанесената штета – изјави Лајиќ.

Гостувајќи утрово на националната телевизија РТС, Лајиќ оцени дека поради затворањето на границата, штета не претрпела само Србија, туку и другите земји како Македонија, Турција, Бугарија.

Тој истакна дека процена на штетите сè уште нема и ќе се знае кога ќе се види колку стока не е испорачана и колку договори не се испочитувани.

Хрватската влада попушти под притисокот на Европа и поради предупредувањата за штетите врз економијата од околните земји, ја отвори границата со Србија синоќа.