Македонија Курц: ЕУ мора да и помогне на Македонија со мигрантите

Курц: ЕУ мора да и помогне на Македонија со мигрантите

ЕУ мора да помогне затоа што ситуацијата во Македонија е драматична, а земјата е оставена сама да се справува со големиот број мигранти, изјави денеска министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, кој е во еднодневна посета на Македонија каде со министерот за внатрешни работи, Митко Чавков го посети прифатниот камп за мигранти во Гевгелија.

Тој напомена дека неопходен е заеднички пристап и не смее понатаму да се дозволи во Македонија да влегуваат нерегистрирани мигранти од Грција.

– Европската унија конечно мора да погледне и на бегалската рута низ Македонија, а не само на таа во Италија. Долгорочно решение на проблемот е можно само ако се договорат кризните држави. Во секој случај, Австрија ќе помогне и ќе соработува со македонската Влада – изјави Курц.

Министерот Чавков изјави дека со околу 800 припадници на полициските сили и помош од АРМ, државата  успешно се справила со кризата, но ескалацијата од ден на ден е се поголема поради неконтролираниот влез на мигрантите од грчка страна.

– Наша примарна цел е хуманиот однос и третман кон мигрантите и нивна заштита во трансферот низ Македонија. Од безбедносен аспект успеавме да ги заштитиме од организирани групи и криминални мрежи кои ги прифаќаа и нелегално ги превезуваа до Србија – рече Чавков.