Македонија Курц до Димитров: Австрија ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ

Курц до Димитров: Австрија ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ

Австрија е пријател на Балканот и на Македонија, напиша на „Твитер“ шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

Тој рече дека му е чест што се сретнал со австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, и што му презентирал едно ново македонско поглавје.

На средбата, како што информираат од австриското МНР, се разговарало за миграцијата, евроинтеграциите, ОБСЕ, со која годинава претседаваат Австрија и нејзиниот министер Курц, како и за ситуацијата во Балканскиот Регион.

„Среќен сум што го примив министерот за надворешни работи Никола Димитров, на неговата прва официјална посета на Виена. Австрија и Македонија имаат силни билатерални врски. Македонија е многу важен партнер во борбата против илегалната миграција на балканската рута. Исто така, разговаравме за евроинтеграциите на Македонија кои ги поддржуваме“, твитна Курц.