Свет Балкан Криминалците вежбаат стрелање во касарните на војската, тврди српскиот воен синдикат

Криминалците вежбаат стрелање во касарните на војската, тврди српскиот воен синдикат

Воениот синдикат на Србија поднесе кривични пријави против двајца високи офицери на српската војска, поради тоа што, како што тврдат, на луѓето од подземјето им овозможиле да стрелаат во една од воените касарни, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Претседателот на тој синдикат, Новица Антиќ, денеска изјавил дека еден член на владата го користел истиот стрелачки погон.

Антиќ денеска за телевизијата „Н1“ изјавил дека со криминалците во објектите на српската војска дошол и еден член на владата.

Тој истакнал дека со криминалците дошол и тогашниот припадник на војската, а сега на жандармеријата Ненад Вучковиќ, за кој во медиумите се пишуваше дека е водач на навивачите на „Партизан“.

Еден од криминалците кој доаѓал во стрелачкиот полигон во меѓувреме бил убиен, а другиот бил уапсен под сомнеж дека е вмешан во убиство на наркодилер во центарот на Белград.

Генералшатбот на војската на Србија ги отфрлил сите обвинувања со тврдење дека синдикатот не приложил докази.

Според оценките на аналитичарите, овој случај повторно го отвора прашањето за врските на припадниците на војската и на полицијата со луѓето од подземјето, кои постојат со децении.

Воениот и полицискиот синдикат, инаку, со месеци укажуваат на тешка материјална и социјална положба, но и на, како што тврдат, на уривање на безбедносниот систем поради што на 11 февруари најавија нови протести пред зградата на Владата на Србија.