Свет Балкан Коѕијас: Договорот ќе биде ратификуван, Грција го доби името назад

Коѕијас: Договорот ќе биде ратификуван, Грција го доби името назад

Договорот од Преспа ќе го донесе нашата влада во Парламентот и ќе биде изгласан со апсолутно мнозинство, од над 150 пратеници, порача министерот за надворешни работи Никос Коѕиас во интервјуто за грчкото радио „Риал фм“.

Тој тврди дека Грција добила многу повеќе отколку нашата земја, која ќе мора да направи крупни промени, но и потоа сè ќе зависи од Грција.

– Иако соседната земја ќе одржи референдум, ќе направи уставни измени и ќе го смени името, таа ќе продолжи да зависи од Грција, бидејќи без грчкото ратификување на Договорот од Преспа, нема да стане членка на НАТО – вели Коѕиас.

Зборувајќи за позицијата на Македонија, тој исто така се пофали дека придобивка за Грција е што земјата повеќе нема да се вика Македонија, туку Северна Македонија, и со тоа актуелната власт „го добила името назад“.

– Многу од моите колеги велат дека не ја нарекувале „Македонија“ во изминатите 15 години. Благодарение на нашата влада, таа земја и Американците ќе ја нарекуваат „Северна Македонија“. Три четвртини од светот, за жал, ја признаа соседната земја како Македонија и за среќа со овој договор таа ќе стане Северна Македонија“. Затоа ние тврдиме дека го добивме името назад, а не сме го дале, како што велат некои – вели шефот на грчката дипломатија.

Зборувајќи за противењето на коалицискиот партнер во владата, Панос Каменос, за ратификацијата на Договорот, тој вели дека тоа нема да биде пречка, оти се знае како се донесуваат одлуките во владата.

– Имам предвид што вели коалицискиот партнер во владата, но одлуките во владата се носат од мнозинство и многу е јасно кој го изразува апсолутното мнозинство. Коалицискиот партнер е секогаш многу продуктивен и корисен, за ова прашање има негови позиции, сака да ги искажува, тоа е негово демократско право. Но, повторувам уште еднаш, грчката Влада ќе го донесе договорот во Парламентот, во Парламентот има мнозинство и ова го кажав уште лани, дека нема да се изгласа од мнозинство партии, туку од мнозинство пратеници – вели Коѕиас.