Свет Балкан Коѕиас бара поголемо расположение за суштински дијалог од Македонија

Коѕиас бара поголемо расположение за суштински дијалог од Македонија

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, апелира македонската влада да покаже поголемо расположение за суштински дијалог и способност за искрен компромис.

Во божиќното интервју за грчкиот весник „Агора“, на прашањето што ќе направи грчката влада ако македонската страна побара прием во меѓународните организации под привременото име, грчкиот министер јасно истакна дека Македонија треба да се придржува до Привремената спогодба.

„Соседната држава треба конечно да ги исполни условите од Привремената спогодба од 1995 година. Треба да придонесе кон решавањето на спорот за името со смелост, конзистентност, поголемо расположение за суштински дијалог и да покаже култура за искрени компромиси“, вели Коѕиас.

Според грчкиот министер, нашата држава треба да одлучи што ѝ е приоритетно кога сака да се приклучи на меѓународните организации, безбедноста на регионот или, пак, иредентистичките тенденции.

„Дали е важна безбедноста и стабилноста за регионот или, пак, за нив е приоритет да се продолжи со историски погрешниот и провоцирачки иредентизам?“, додава Коѕиас.

Пред една недела, во пријателска клима во Атина, тој се сретна со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Што се однесува, пак, до засилувањето на припадниците на Фронтекс во Грција, Коѕиас вели дека нема да дозволат во ниту еден момент Фронтекс да дејствува самостојно во државата, без да добие дозвола од неа како земја-членка на Европската унија.