Новата влада на Северна Македонија, обработка: Фисник Џелили / Порталб.мк

Само 20% од владините министри предводени од Димитар Ковачевски се жени, и тоа сите од СДСМ. Албанските партии не ѝ довериле министерска функција на ниту една жена. Од друга страна во Собранието околу 40 % од пратениците се жени. Северна Македонија од осамостојувањето никогаш немала жена премиер, претседател на државата или претседател на Собранието, пишува Порталб.мк.

За време на предизборните кампањи, партиите ја користат фигурата на жената само за пропаганда и собирање гласови бидејќи штом се формираат влади, таа е изоставена и многу малку застапена на раководни позиции, во случајов во улога на министерка. Аргумент и факт за ова се минатите состави на владата на земјава како и последнава, каде соодносот на министри мажи и жени е четири спрема еден.

Во новата влада предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) учествуваат и три албански партии, Демократската унија за интеграција (ДУИ), Алтернатива и Демократската партија на Албанците (ДПА), од каде за министер не е именувана ниту една жена. Сите четири министерки се од редовите на СДСМ.

Жените во Владата ќе ги водат овие министерства:

  • Министерство за одбрана – Славјанка Петровска;
  • Министерство за труд и социјална политика – Јована Тренчевски;
  • Министерство за култура – Бисера Стојчевска;

А пак, Славица Грковска ќе биде министерка без ресор, поточно вице-премиерка за борба против корупција.

Новата влада на Северна Македонија, обработка: Фисник Џелили / Порталб.мк

„Далеку од Европа“ – вака граѓанското општество ја оценува застапеноста на жените во извршната власт

Директорката на Институтот за лидерство и јавна политика, Пранвера Касами вели дека политиката кај нас на жената гледа само како квота и ништо повеќе бидејќи, истакнува таа, додека другите земји со развиена демократија се стремат кон еднаква застапеност, за нашата земја ова е далечна цел.

 

Пранвера Касами / преку: Порталб.мк

„Иако во блиското минато кај нас овој статус имаше нагорен тренд, и секогаш кога има мотиви за охрабрување, се случува да се вратиме назад во однос на зголемувањето на женското лидерство во процесите на политичко одлучување во земјата. Жените, во нашата земја, демонстрираат политичко лидерство вон традиционално поставените линии веќе долго време. Мислам дека ова најдобро може да се постигне преку законодавно охрабрување кое секогаш ќе биде императив и за нас“, вели Касами.

Според аналитичарот и колумнист Селим Ибраими, ваквото претставување покажува многу лоша слика, бидејќи продолжува истиот начин на застапеност на родовите, во услови кога нема закони да го спречат тоа.

„Постојат пишани закони, но и тие тешко се почитуваат во Северна Македонија и на Балканот“, вели Ибраими.

За универзитетскиот професор Сефер Тахири, родовата еднаквост во политичкото претставување, во општество со кревка демократија како нашата, не може да се остави на добрата волја на политичките партии. Како што вели, нам постојано ни се потребни изборни реформи со кои се гарантира зголемување на застапеноста на жените на сите нивоа на власт.

Сефер Тахири / преку: Порталб.мк

„Во таа насока треба да се размислува и за реформи во Изборниот законик со што ќе се зголеми застапеноста на жените на министерски позиции и градоначалници. Невладините организации треба постојано да упатуваат барања до политичките партии за подобрување на недоволно застапениот род. Ова треба да се направи со потсетување на партиите, заедно со медиумите и тие што го креираат јавното мислење, за декларативните програмски дефиниции за родова еднаквост дека навидум имаат цел да постигнат европски вредности, а пак политиката и одлуките се донесуваат и се реализираат со стар балкански менталитет“, рече Тахири.

Какви се ставовите на парламентарните партии за ваквата застапеност на жените?

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска вели дека процентот на жени застапени како министерки во оваа влада е низок. Во меѓувреме, застапеноста е уште помала ако се пресмета заедно со бројот на заменици министри.

Жаклина Пешевска / преку: Порталб.мк

„Оваа влада има ист број жени како и во претходниот состав, а ДУИ не предложи ниту една жена. Тоа се случува затоа што недостасува демократски капацитет во партијата, заложбата за поголема застапеност е декларативна и покрај тоа што европска вредност е заложбата и мотивацијата за повеќе жени министерки и жени на раководни позиции. Дополнително, Изборниот законик нема и не гарантира квоти за овие позиции, затоа состојбата е ваква долги години“, вели Пешевска.

Од СДСМ ветија дека ќе го искажат својот став, но досега не одговорија на прашањата на Порталб.мк за ваквата застапеност на жените во извршната власт.

Од Алијансата за Албанците (АСХ), пратеничката Илире Даути вели дека владејачките албански партии отворено и гласно промовираат застрашувачки родов менталитет.

Илире Даути / преку: Порталб.мк

„Да нема жени или девојки Албанки на министерски позиции, во две последователни Влади, ова веќе не е само недостаток на застапување, туку негирање на постоењето на Албанките овде во Северна Македонија. Најлошото е што тоа е веќе направено со одобрение на пратеничките од ДУИ, бидејќи нивните гласови синоќа но и кога се гласаше претходната влада, го одобрија игнорирањето на жените гласајќи Влада без ниту една Албанка министерка. Изгледа дека партијата на Али Ахмети сето ова го прави со план. Откако се погрижија да го уништат имиџот на жената во политиката, сега се концентрираат на негирање на нејзиното постоење“, вели Даути.

Иако ниту една жена не беше предложена од ДУИ, нивната пратеничка Вјолца Адеми вели дека партијата, чијшто член е таа, постојано работи на подобрување на положбата на жената и жените треба да бидат задоволни со правата што ги имаат денес.

Вјолца Адеми / преку: Порталб.мк

„Внатре, во куќата на ДУИ, дејствуваме да ги имаме најдобрите кадри на посакуваните места. ДУИ секогаш работи на подобрување на положбата на жената, при што овие години имаме жени на министерски позиции, заменици министри, пратенички. ДУИ е единствената партија која предложи жена за градоначалник. Благодарение на оваа посветеност, жените денес работат на сите области, економија, здравство, и овозможуваат подобар живот за сите Албанки во Северна Македонија“, рече Адеми.

Орхан Муртезани од Алтернатива рече дека имало одредени понуди кои не биле прифатени и на крајот партијата при изборот на листата била раководена од потенцијалот на предложените кандидати, а не од нивниот пол.

„Имавме широка дискусија внатре во партиските органи, имаше одредени понуди кои не беа прифатени и на крајот кога раководството гласаше за списокот, не се раководевме од тоа дали е маж или жена, туку едноставно кадровскиот потенцијал кој го имавме и покажаната готовност да раководат со тие институции“, изјави Муртезни.

Каква е застапеноста во Собранието?

За разлика од извршната каде 20 отсто од министрите се жени, состојбата во Собранието е подобра, односно околу 40 отсто од пратениците се жени, бидејќи тоа го овозможува Изборниот законик.

Сегашното Собрание на Северна Македонија конституирано на 4 август 2020 година има 47 пратенички од вкупно 120 пратеници. Од независноста, функцијата претседател на државата, премиер или претседател на парламентот никогаш не им припаѓала на жени.

Родовата застапеност во Собранието исто така е заштитена со закон, но тоа не важи за функцијата претседател на Собранието.

Во Изборниот законик пишува: „Со важечките измени се предвидува најмалку 40 отсто од кандидатите да припаѓаат на помалку застапениот род или секој трет кандидат да биде жена и дополнително едно место на секои десет места.

Во Албанија и Косово жените се позастапени во извршната власт

Република Албанија и Косово имаат нови влади, каде што во однос на застапеноста на жените на министерските позиции се работело практично во оваа насока, а не само со зборови.

Во Владата на Албанија, жените водат дванаесет министерства од вкупно шеснаесет. Во меѓувреме во Владата на Косово, од вкупно седумнаесет министри, само шест се жени. Албанија има жена претседател на парламентот, додека Косово има претседателка.

Инаку, во Северна Македонија, првото феминистичко движење е формирано во 1942 година, а четири години подоцна, во 1946 година, жените во Македонија се здобија со право на глас и правото да бидат избрани на политички избори. Учеството на жените во политиката, признаено како човеково право, е неопходно за глобален напредок. На глобално ниво, првпат беше призната во 1956 година и гарантирана со Универзалната декларација за човекови права.