Економија Ковид-19 доведе до намалување на бројот на туристи од 47,9 отсто во...

Ковид-19 доведе до намалување на бројот на туристи од 47,9 отсто во првите четири месеци

Туристичкиот сектор, како еден од првите кои се најдоа на удар на корона кризата, веќе евидентира негативни резултати. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), вкупниот број на туристи во април годинава, во однос на истиот месец лани, е намален за 99,1 отсто, а на ноќевањата за 97,2 отсто.

При тоа, бројот на домашните туристи во април, во споредба со април 2019 година, е помал за 97,7 отсто, а на странските е намален за 99,7 отсто.

Во април се забележани вкупно 741 турист и 4.690 ноќевања. Домашните туристи имале за 96,1 отсто помалку ноќевања, а странските за 97,8 отсто во однос на истиот месец лани.

За првите четири месеци од годинава, односно во периодот јануари ‒ април, во споредба со истиот период лани, бројот на туристите е помал за 47,9 отсто, при што  кај домашните туристи има намалување од 43 отсто, а кај странските од 50,3 отсто. Воедно, бројката на ноќевањата е пониска за 46,6 отсто кај домашните туристи, а за 50,4 отсто кај странските туристи.