Македонија Ковачевски во Виена: Северна Македонија да се оценува исклучиво според резултатите, без...

Ковачевски во Виена: Северна Македонија да се оценува исклучиво според резултатите, без нови политички барања

Премиерот нагласи дека на земјава во ЕУ ѝ е потребна силна поддршка, со цел да не се дозволат околности во форма на нови политички барања

фото: Влада на Република Северна Македонија

Единствените фактори според кои треба да се оценува Северна Македонија на патот кон Европската Унија се резултатите и завршните постапки за скрининг процесот и стандардите. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски во рамките на својата работна посета на Австрија, каде присуствуваше и имаше предавање на Дипломатската академија Виена.

Во своето предавање на конференцијата на тема „Почеток на пристапни преговори со Северна Македонија: Нова динамика во проширувањето на ЕУ“, македонскиот премиер упати порака до колегите социјалдемократи и социјалисти во рамки на мрежата на европските социјалисти, со кои рече дека „делиме исти вредности“.

„Сакам уште еднаш јавно да ве замолам да продолжите со поддршката за мојата земја на патот кон ЕУ. Во рамките на македонското Собрание потребен ни е глас од Европа. Ќе дадеме сè од себе да ги спроведеме сите реформи и сите чекори за европската иднина на земјата“, порача Ковачевски во Виена.

Премиерот нагласи дека на земјава во ЕУ ѝ е потребна силна поддршка со цел да не се дозволат околности во форма на нови политички барања.

„Јас се заложив пред моите граѓани, пред македонскиот Парламент и пред цела Европска Унија дека ние нашата домашна задача ќе ја завршиме“, рече Ковачевски, додавајќи дека „домашната задача мора соодветно да се верификува и потврди и од ЕУ“.

Премиерот Ковачевски рече и дека многу македонски генерации пораснале чекајќи го датумот кога ќе станат дел од Европската Унија, со надеж дека ќе живеат во своја земја со европски вредности.