Македонија Ковачевски ги потврди најавените санкции за лицата од црната листа на САД

Ковачевски ги потврди најавените санкции за лицата од црната листа на САД

Премиерот Ковачевски рече дека не може некој во земјава наутро да се фали дека е најдобар другар со САД, а попладне да прави сè што е спротивно на нив

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска потврди дека со носењето на измените на Законот за рестриктивни мерки ќе се создаде основа за имплементација на санкции за лицата кои ќе се најдат на „црната листа“ на САД. Тој вели дека со ваквите законски измени се исполнува еден од стандардите на НАТО.

„Законските измени треба да направат практично транспонирање на нешто што го имавме, а се однесуваше на ентитети коишто се санкционирани согласно со ОН, ЕУ и сега тоа ќе се прошири и на САД и на Обединетото Кралство бидејќи се однесува на ентитети коишто се санкционирани согласно со нивното законодавство“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој рече дека не може некој во земјава наутро да се фали дека е најдобар другар со САД, а попладне да прави сè што е спротивно на нив.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера ги претстави измените на Законот за рестриктивни мерки, со кои врз лицата кои се најдоа на „црната листа“ на САД ќе се применат рестриктивни мерки и во С.Македонија.

Лицата кои ќе се најдат на „црната листа“ на САД за корупција, организиран криминал, злоупотреба на службената должност и хибридни закани ќе се соочат со времено престанување на функцијата која ја извршуваат, ќе им се забрани да учествуваат на тендери до правосилноста на пресудата, а останува во игра и конфискацијата на нелегално стекнат имот.

Инаку, Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Рамиз Мерко, Сашо Мијалков, Никола Груевски се само дел од лицата кои во изминатиов период се најдоа на „црната листа“ на САД. Последен на „црната листа“ на САД се најде бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, поради неговата вмешаност во значителна корупција, како што соопштија во известувањето од Стејт департментот. На него во декември 2023 година му беше забранет влез во САД.

Османи: За лицата од „црната листа“ на САД ќе има рестриктивни мерки и кај нас