Свет Балкан Косовската полиција уапси лице обвинето за напад врз новинари, Србите од северот...

Косовската полиција уапси лице обвинето за напад врз новинари, Србите од северот на протест

Регистрирани се вкупно девет напади врз новинари и сниматели во Лепосавиќ во текот на 16 јуни

Ilustrim: Fisnik Xhelili/Portalb.mk

Косовската полиција соопшти дека е уапсено лицето У.В. од Лепосавиќ, кое е осомничено за вмешаност во случајот со напади врз новинари и медиумски екипи во северниот дел на Косово, пренесува Радио-телевизија Косово. 

„Апсењето е извршено како резултат на интензивната истрага и собирањето докази дека е вмешан во нападот врз медиуми/новинари на 16 јуни 2023 година. Сите понатамошни активности ќе бидат преземени во соработка со координација со правосудните органи“, соопштија од косовската полиција.

Во Лепосавиќ во северниот дел на Косово во петокот беа нападнати медиумски екипи од страна на маскирани лица, при што камерман од Радио-телевизија Косово беше повреден и му беше искршена камерата.

Здружението на новинари на Косово соопшти дека во петокот покрај нападот врз екипата на Радио-телевизија Косово, нападнати биле и тимовите на РТВ Дукаѓини, Клан Косово, РТС, КТВ и снимателот на Теве 1. Регистрирани се вкупно девет напади врз новинари во Лепосавиќ во текот на 16 јуни.

Српските власти, пак, апсењето го третираат како продолжение на тортурата на Албин Курти врз српското население. Канцеларијата за Косово и Метохија соопшти дека У.В. бил уапсен кога утрово тргнал на работа, а бил приведен од припадници на неуниформирани припадници на косовската полиција, пренесува Радио-телевизија Србија.

Оттаму порачуваат дека не станува збор за никаков криминалец, туку за 28-годишно лице кое „мирно одело на работа, знаејќи дека не е виновен за ништо“.

„Курти без какви било докази, и покрај фактите кои го демантираат, секојдневно апси Срби, додека меѓународната заедница ја врти главата на спротивната страна и прави сè за да не ги види кршењата на сите основни права на Србите, секојдневното малтретирање на Курти, како и физичкото, правното и институционалното насилство над нашиот народ“, се наведува во соопштението на Канцеларијата за Косово и Метохија.

Инаку, за денеска е закажан протестен собир од 13 часот во северниот дел од Митровица, која ја организираат припадници на српската заедница по повод апсењето на лицето У.В.