Свет Балкан Косово обвинето за можни етнички тензии со забраната за употреба на српски...

Косово обвинето за можни етнички тензии со забраната за употреба на српски динар

Десетици илјади луѓе низ 10 општини зависат од пензиите, платите и социјалните бенефиции деноминирани во динари што ги распределува Србија

Фото: Robert Anasch, Unsplash

Америка ги обвинува властите во Косово за непотребно подигање на етничките тензии откако Владата воведе забрана за српската валута и му наложи на српското малцинство да го применува еврото, соопшти Гардијан. 

Полициски рации кои се случија неколку дена по промената на валутата, а нарачани од Министерството за внатрешни работи на Приштина врз четири организации кои работат во областите населени со Срби, ги интензивираа стравувањата од влошување на безбедносната ситуација.

Српските власти велат дека ова негативно ќе влијае на секојдневниот живот на етничките Срби, зависни од српските социјални услуги.

Европската Унија во понеделникот го критикуваше Косово за преземање еднострани чекори, за кои стравува дека ќе доведат до дополнително влошување на односите со Србија.

„Овие чекори се загрижувачки бидејќи не придонесуваат за деескалација на ситуацијата. Не се координирани, едноставно се преземени без потребното ниво на претходна консултација, со цел да се намали негативното влијание што може да го имаат на територијата“, вели Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи.

Еврото е валута во Косово од 2008 година, но Србите, кои сочинуваат околу 5 проценти од населението во Косово, сè уште го користат динарот. Десетици илјади луѓе низ 10 општини зависат од пензиите, платите и социјалните бенефиции деноминирани во динари што ги распределува Србија.

Викендов, американскиот амбасадор во Косово, Џеф Ховениер, изрази загриженост за напорите на косовската полиција да заплени возила што превезуваат српски динари, кои потоа се дистрибуираат за исплати на социјални надоместоци од Србија.

„Ова непотребно ги зголемува етничките тензии и како последица ги ограничуваат опциите на Соединетите Држави да послужат како ефикасен застапник за Косово на меѓународната сцена“, изјави тој.

Косово минатата недела се согласи да го продолжи преодниот период, но одби да каже колку долго.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, коментира дека забраната на динарот е дел од поширока политика за етничко чистење на Србите од Косово. Тој ја опишува ситуацијата како „криминален штрајк“ против малцинството Срби.

„Луѓето се исплашени, чекаат во редици за да ги добијат парите“, рече тој при телевизиско обраќање во петокот.

Вучиќ додаде дека Србија ќе побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за да разговара за ескалацијата на тензиите со Косово.

Забраната за валута не е единствената причина за гневот на Србија. Како дел од напорите за воспоставување контрола на целата територија, властите во Косово ги отстранија српските знамиња и табли од јавните згради и забранија автомобили кои возат со српски регистарски таблички.