Хроника Контрола во седум угостителски објекти во Охрид и во Струга

Контрола во седум угостителски објекти во Охрид и во Струга

Град Охрид

Во функција на откривање прекршоци во врска со законот за пушење, откривање други казнени дела, како и сузбивање на безбедносно негативни појави на подрачјето на општините Охрид и Струга, Секторот за внатрешни работи од Охрид, во координација со Управата за јавни приходи и со Државната пазарна инспекција, синоќа изврши контрола во вкупно седум угостителски објекти во двата крајезерски града.

Притоа, поради констатирани неправилности во однос на фискализација, затворен е еден угостителски објект во Охрид. Во друг, пак, е констатиран прекршок во врска со Законот за пушење, за што против едно физичко лице е подготвена покана за наплата на глоба, како и платен налог против одговорното и правното лице. Пазарната инспекција ќе подготви решение за привремено затворање на угостителскиот објект.

Сопственик на друг угостителски објект во Охрид, како одговор на мерките, со дрско однесување и со кршење предмети, го нарушил јавниот ред и мир, ги вознемирил граѓаните и ја загрозил нивната безбедност. Во согласност со Законот за прекршоци, против него ќе биде поднесена соодветна пријава за нарушување на јавниот ред и мир, како и платен налог за наплата на глоба.

Поради констатирани неправилности, во угостителски објект во Струга, Управата за јавни приходи и Државната пазарна инспекција ќе подготват решение за привремено затворање.

В.М.