Главна секција Која е „ќе“, а која била „не“ влада, се расправа на собраниската...

Која е „ќе“, а која била „не“ влада, се расправа на собраниската седница

Ве уверувам дека кандидатите за министри и заменици-министри посветено и совесно ќе ги вршат своите обврски во согласност со законите и во интерес на граѓаните, рече премиерот Зоран Заев на почетокот на собраниската седница за реконструкција на Владата.

– Зад нас е една година од формирањето на оваа влада, и успеавме да ја оставиме зад нас политичката криза. Среќен сум кога ќе се сетам каде бевме, а каде сме сега. Можеме и имаме намера да постигнеме многу повеќе, се движиме во вистинска насока. Во Собранието наскоро ќе бидат ставени одлуки кои ќе донесат добросотојба на граѓаните – рече Заев и накратко ги претстави кандидатите за министри.

На ова му реплицираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски кој реконструкцијата ја нарече „пазарџиска“.

– Она што денеска не го правите е реконструкција на Владата во секторите кои потфрлија и кои што има низа скандали. Во овој состав има министри кои што не се снаоѓаат, не работат и нема реални резултати во ниту еден сектор – рече Димовски

Според пратеничката Лилјана Затуроска, денеска требало да се разговара за реконструкција која ќе ги вклучува оставките на премиерот и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска затоа што според неа, не се спроведени реформи, има нарачани пресуди и се тргува со државните и националните интереси.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев кабинетот на Зев го нарече „ќе“ – влада.

– Оваа Влада ќе остане во меморијата на граѓаните како „ќе“ – влада, бидејќи употребува „ќе“ за сето она што нема капацитет, енергија, знаење и можности да го направи – рече Данев.

На ова му реплицираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев кој рече дека ако оваа влада е „ќе“ влада, тогаш претходната била „не“ – влада односно „анти“ – влада.

Она што почна како дебата за реконструкција на Владата, продолжи во меѓусебни партиски препукувања и објаснувања што направила, а што не направила претходната влада, како и дебата за рејтингот на партиите и лидерите.