Економија Ќе се менува Законот за финансиска поддршка на инвестициите, над 200 компании...

Ќе се менува Законот за финансиска поддршка на инвестициите, над 200 компании со подобри услови за инвестирање

фото : Влада на РСМ

Ќе се менува и дополнува Законот за финансиска поддршка на инвестиции (ЗФПИ) со цел да се олеснат критериумите за аплицирање и за исплата на финансиска поддршка за производствените компании. Со измените на овој Закон треба да се олеснат условите за 245 компании кои имаат активни договори, а особено за потенцијално новите компании, кои инвестирале во 2020 година или ќе инвестираат во 2021 година. Планираните законски измени се прават за да се излезе во пресрет на стопанството и на граѓаните, соопштија од Владата, а исто така и да се креира новата развојна економија.

За оваа тема, синоќа разговарале вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески и на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Јован Деспотовски.

Инаку, ЗФПИ е дел од Планот за економски раст и тој почна да се применува од 2018 година, со цел, поттикнување на економскиот раст и развој на државата, преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на економијата и развојот на пазарот на трудот со поддршка на вработувањата.

Како што соопштија од Владата, на синоќешната работна средба се дискутирало за делот од мерките од петтиот пакет мерки во кои спаѓаат и за измени во ЗФПИ, со цел да се олеснат критериумите за аплицирање и добивање на соодветна државна помош, за домашни и странски фирми, микро, мали, средни и големи, кои решиле да инвестираат во нови производствени хали, набавка на машини, алати и други основни средства за производство, но и да реализираат нови вработувања или дополнителни обуки за вработените.