Дописници Китанов и Сугарески: Кризата не влијае на динамиката на изградба на патиштата

Китанов и Сугарески: Кризата не влијае на динамиката на изградба на патиштата

Со цел да ги демантираат, како што рекоа лажните вести, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, дојдоа пред Штип, на местото каде се привршува градбата на патот Штип – Крупиште. Делницата од 19,5 километри претставува прва фаза од изградбата на експресниот пат Штип – Кочани и се очекува да биде завршена најдоцна до почетокот на јули.

Китанов рече дека работите на експресниот пат вреден 20,2 милиони евра се демант на „лажните вести дека застанале капиталните инвестиции“.

– Нема застој на ниту еден пат што е започнат и сите во континуитет продолжија да се работат. До крајот на јуни, почеток на јули треба да биде пуштен патот Штип – Крупиште. Паралелно се работи на патот од Крупиште до Кочани. Експресниот пат е започнат во јули 2017 без експропријации, без решение за водоводни инсталации за наводнување и без третирање на косините. Се правеа нови проекти, се заврши експропријацијата. Овој пат е доказ дека нема застои и нема да има застој – изјави Китанов.

Двете фази од изградбата на експресниот пат Штип – Кочани е предвидено да се завршат во период од една година.

Китанов најави дека до крајот на мај ќе бидат објавени уште 15 проекти за рехабилитација и реконструкција за мостови и свлечишта.

До крајот на годината, во декември се очекува да заврши делницата на патот Штип – Радовиш во делот од Брегалница до Бучим, со воведение во работа и за втор дел од Три Чешми до Брегалница, како и делот од Радовиш до Бучим.

Осврнувајќи се на динамиката на градежните работи низ државата, Сугарески кажа дека во моментов се градат патишта во должина од 80 километри, додека во тек е постапка за отпочнување на изградба и реконструкција на 150 километри.

Што се однесува до гасоводната мрежа, Сугарески изјави дека годинава треба да заврши кракот Неготино –  Кавадарци – Прилеп до Битола и кракот од Скопје преку Тетово до Гостивар.

– Се интензивираат и другите проекти на државниот гасовод со делот Кичево  – Гостивар и дел кај Свети Николе, кажа Сугарески.

Бавното движење на капиталните инвестиции, министерот Сугарески го оправда со, како што рече, „вообичаениот бавен тек во првиот квартал“, но тендерите и проектите во април најавуваат динамичен период на градежни работи.