Економија Кинеските државни компании до крајот на годината треба да станат корпорации

Кинеските државни компании до крајот на годината треба да станат корпорации

Сите големи кинески компании кои се во сопственост на централната влада ќе бидат регистрирани како компании со ограничена одговорност или како акционерски друштва до крајот на оваа година, бидејќи официјален Пекинг настојува државните гиганти да ги направи силни, ефикасни и модерни.

Околу 90 отсто од компаниите кои се во сопственост на централните и на локалните власти веќе го завршиле тој процес што помогнало во унапредување на нивната структура на управување, се наведува во соопштението на кинеската влада, а јавуваат странските медиуми.

Кинеската влада се надева дека низ реформите ќе го оживее презадолжениот државен сектор и дека ќе создаде поголеми и посилни конгломерати кои ќе бидат во состојба да се наметнат на глобалната сцена.

Еден од поголемите проблеми со кои се соочува Кина е зголемување на нивото на долгот од глобалната финансиска криза од 2008 година, поради што владата презеде напори да ги ограничи должничките ризици, а реструктуирање на државните компании е само еден дел од тие реформи.