Економија Кинеската економија предизвика остри падови на светските берзи

Кинеската економија предизвика остри падови на светските берзи

Берзите ширум Соединетите Американски Држави (САД) и Европа денеска бележат остри падови откако забавувањето на кинеската економија предизвика паника кај инвеститорите, јавуваат светските медиуми.

Кинеската берза во Шангај синоќа го имаше најлошото затворање од 2007 година, со пад на тргувањето од 8,5 проценти, што преку ноќ предзвика пад на акциите ширум Азија.

Тргувањето со акции на Дау Џонс на Вол Стрит денеска во првите половина час бележи пад за повеќе од 4 отсто. Лондонскиот ФТСЕ 100 индекс попладнево е со пад од 4,8 осто, а падови во тргувањето од 6,8 односно 5,6 отсто бележат берзите во Франција и Германија, јавува „Би-Би-Си“.

Како што пренесуваат медиумите, Дау Џонс е со пад под 16.000 индексни поени, за прв пат по февруари 2014 година.

Кинеската централна банка пред две недели ја девалвираше националната валута, јуанот, што предзвика дополнителна загриженост поради забавувањето на втората по големина економија во светот.

Валутите и услугите исто така бележат остри падови, бидејќи станува збор за пазари кои во голема мера зависат од побарувачката од Кина.