Свет Кина усвојува контроверзен закон за странските НВО

Кина усвојува контроверзен закон за странските НВО

Кина денеска донесе контроверзен закон со кој се заострува контролата на дејствувањето на странските невладини организации.

Законот го изгласа Националниот народен конгрес, без разлика на тоа што странските влади и меѓународните организации изразија загриженост кога беше најавена зајакнатата контрола. Содржината на законот сè уште не е достапна за јавноста.

Кинеските медиуми претходно пренесоа дека власта ќе ги контролира активностите на сите невладини организации, кои според новиот закон ќе мора да доставуваат извештаи за работата.

САД, Канада и Европската Унија апелираа Кина да го ревидира овој закон, како и законот за кибернетичка безбедност.

Западните критики се однесуваа на тоа дека законот може сериозно да го ограничи дејствувањето на граѓанските и на групите за човекови права.

Во согласност со законот, кинеската полиција ќе може да ги забрани активностите на некои НВО, ако процени дека постои можност да ја загрозат државната безбедност. Најавено е дека на кинеските државјани ќе им се забрани да бидат членови на странски невладини организации, освен со специјална дозвола.

Законот се однесува и на професионалните здруженија и универзитети во Кина.