Свет Европа Кијив и околината на Москва повторно цел на напади

Кијив и околината на Москва повторно цел на напади

Во меѓувреме, во Русија, југоисточно од главниот град 15 вагони од железничка композиција излетале од шините. Досега за вакви инциденти руските сили вината ја ставаа на „украински саботери“

Украинска единица за противвоздушна одбрана. Фото: ukrinform.net

Руските сили го нападнаа главниот град на Украина, Кијив, во текот на ноќта, а воздушни напади напади имаше и во источниот и јжниот дел на Украина. Руските власти, пак, соопштија за напади врз области околу главниот град на Русија, Москва и околу западниот руски град Смоленск, јавија новинските агенции.

Балистичка ракета Искандер-М била соборена од украинските сили додека се приближувала кон Кијив, при што нема повредени. Ова е првиот ракетен напад на Кијив по речиси два месеца.

Во руските напади во другите делови на Украина каде одвиваат воени дејствија, има загинати. Во регионот Херсон загинале две лица, едно во Днипропетровск и уште едно во Запорижја.

Украинските одбранбени сили одбиле напади во Одеса, Днипропетровск, Харкив, Полтава, Суми и Кировхрад. Според противвоздушната одбрана, руските сили лансирале 31 дрон Шахид 136/131 од кои 19 биле соборени.

Руското министерство за одбрана, пак, соопшти дека украински дронови биле соборени во регионите Москва и Смоленск. Во меѓувреме, во Русија, југоисточно од главниот град, 15 вагони од железничка композиција излетале од шините. Досега за вакви инциденти руските сили вината ја ставаа на „украински саботери“.