Македонија Ќе ги победиме со пенкалото и со гласот на народот, порача Заев...

Ќе ги победиме со пенкалото и со гласот на народот, порача Заев од Велес

Народот бара слобода и демократија и секој град се крева на нозе, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на вечерашниот митинг во Велес на Коалицијата за живот во Македонија.

– Кога велев дека мора да си дадат оставки, Груевски тврдеше дека кажувам бајки. Ама, потоа следуваа оставки. Тој една година е во оставка. СЈО работи и ја враќа правната држава. Ние ќе победиме, режимот ќе падне. Ние веќе победивме, сега е ред на народот. Уништувале, краделе пари, товареле бродови, однеле повеќе од 5,5 милијарди евра. На 5 мај никој не можеше да нè спречи, сè ќе згазевме, на клоци да ги шутиравме од парламентот. Ама потоа ќе немаше крај. Со пенкалото и со гласот на народот ќе ги победиме. Граѓаните се на страната на вистината. Бидете горди на тоа – рече Заев.

Претходно карванот на СДСМ и на Коалицијата за живот во Македонија одржа митинг во Свети Николе, каде Заев оцени дека опозицијата ќе победи на овие избори, но ги повика граѓаните на масовна излезност, за, како што рече, на 11 декември Македонија да добие стабилна и реформска влада.