Македонија Казина и обложувалници на најмалку 500 метри од училиштата – усвоен законот...

Казина и обложувалници на најмалку 500 метри од училиштата – усвоен законот за игри на среќа

Законот беше предложен од Владата со европско знаменце во кој, меѓу другото, се предвидува објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта

Photo by Kvnga on Unsplash

Собранието денеска ги усвои измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Владата со европско знаменце во кои, меѓу другото, се предвидува објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта.

Опозицијата побара точката да се тргне од дневен ред на денешната седница, а откако не беше овозможено ја напушти салата. Па така, од 61 присутен, 55 кренаа рака за законот за игри на среќа.

Со измените на Законот, цената за една лиценца за обложувалница ќе порасне од 105 илјади на 200 илјади евра. Со измените се предвидува автомат клубовите сега да плаќаат за лиценца која ќе чини 100 илјади евра, наместо 78.750 евра. Таа, ќе биде ограничена на три деловни простории за кои автомат клубовите ќе треба да плаќаат надоместок во износ од 30.000 евра.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) претходно организираа протест пред законодавниот дом изразувајќи го револтот предлог-законот со тврдење дека ќе се затвори една гранка во која има илјадници вработени. Движењето „Антикоцкање“, пак, инсистираше на донесување на ваков закон заради заштита на децата.

Албанскиот Европски сојуз за промени исто така реагира на донесувањето на законот.

„Албанскиот народ знае дека дистанцата од 500 метри од образовни институции е само мамка за да се скријат законските одредби кои треба му овозможат на Груби да си ги полни џебовите со народни пари. Во последните 4 години за ВЛТ апарати Груби расфрли 40 милиони евра. Само во еден ден пред формирањето на техничката Влада купи ВЛТ апарати за 12 милиони евра“, велат од Европскиот сојуз за промени.

Оттаму додаваат дека за ова ќе следи политичка и кривична одговорност и дека по 8 мај ќе се донесе нов закон со кој сите форми на игри на среќа ќе бидат затворени.