Подглавна секција Катастрофален земјотрес во Авганистан, има повеќе од 2.000 загинати

Катастрофален земјотрес во Авганистан, има повеќе од 2.000 загинати

Земјотресот сo jачина од 6,2 степени по Рихтер уништи 12 села чии живеалишта се во голема мерка изградени од кал

Фото: Tasnim News Agency, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Талибанската влада извести дека како последица на силниот земјотрес кој во саботата го погоди Авганистан има над 2.000 загинати и над 9.000 повредени лица, а уништени се повеќе од 1.300 домови, известуваат од Ројтерс.

Епицентарот на земјотресот со јачина од 6,2 степени по Рихтеровата скала бил 35 километри северозападно од Херат, третиот најголем град во Авганистан. Следеле афтершокови, чија непредвидливост довела до паника во градот.

„Луѓето масовно излегоа од своите домови, сите сме на улица“, напишала граѓанка на Херат во СМС-порака до Ројтерс во саботата.

Најлоша материјална штета потрпеле селата чии живеалишта биле изградени воглавно од кал.

„Уште првиот удар сите куќи се урнаа. Оние кои беа во куќите, селата беа закопани со нив. Има семејства од кои немаме чуено абер“, вели жител на едно од околните села, известува Би-би-си

Во моментот Авганистан се соочува и со недостиг на соодветни болници за да се примат сите повредени. Дополнително, постојат логистички тешкотии при идентификување и згрижување на жртвите и повредените во подалечните села со несоодветна инфраструктура за транспорт. 

Обединетите нации, Лекари без граници и други организации веќе имаат покренато акции за снабдување со медицински материјали, храна, вода, облека, шатори и други клучни ресурси.