Свет Европа Канцеларот Шолц по потегот на Москва: Гасоводот „Северен поток-2“ ќе биде запрен

Канцеларот Шолц по потегот на Москва: Гасоводот „Северен поток-2“ ќе биде запрен

Германскиот канцелар Олаф Шолц | Фото: fsHH from Pixabay

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека проектот за гасоводот „Северен поток-2“ нема да биде сертифициран од Германија по најновиот потег на Русија да го признае суверенитетот на двете пара-држави (Народните републики Донецк и Луганск), јавува Дојче веле сервисот на англиски јазик.

Шолц пред новинарите во Берлин изјави дека Германија презема мерки за да одговори на руските акции во Украина.

„Ова звучи како техничко прашање, но е неопходен административен чекор, така што нема да има сертифицирање на гасоводот а без сертификат, „Северен поток-2“ нема да може да почне со работа“, изјави канцеларот Олаф Шолц.

Изградбата на гасоводот веќе е завршена, но за да отпочне со работа гасоводот, германските регулаторни власти е неопходно да ги издадат сертификатите пред да отпочне испораката на рускиот природен гас.

Германскиот канцелар рече дека ситуацијата е променета со последната одлука на Русија и затоа ќе треба Германија повторно да ја анализира состојбата. Шолц рече дека Европа се соочува со тешки денови и дека по 80 години од Втората светска војна, на Европа ѝ се заканува нова војна.