Свет Канада ги повлекува борбените авиони од Ирак и од Сирија

Канада ги повлекува борбените авиони од Ирак и од Сирија

Канада до 22 февруари ќе стави крај на воздушните удари во Ирак и во Сирија, на чија мета се припадниците на Исламска држава, и ќе ги врати дома своите шест борбени авиони, соопшти канадската влада.

Наместо тоа, Отава двојно ќе го зголеми бројот на лицата за воена обука во регионот, чиј број ќе биде 210.

Во мисијата на коалицијата, предводена од САД, и понатаму ќе учествуваат летала за набљудување и за дополнување гориво, соопшти министерот за одбрана на Канада, Харијет Сајан, на прес-конференцијата со премиерот Џастин Трудо.

За време на својата предизборна кампања, Трудо вети дека ќе ги врати борбените авиони во Канада и ќе стави крај на нивната мисија во Ирак и во Сирија, додека екипите за обука ќе продолжат да работат.