Подглавна секција Калифорнија окована во студ: Снежни врнежи во Лос Анџелес и Холивуд

Калифорнија окована во студ: Снежни врнежи во Лос Анџелес и Холивуд

Метеоролозите предупредија дека планинските области во Калифорнија може да очекуваат снежна покривка помеѓу 60 сантиметри и 2,1 метри

Фото: Martin Jernberg on Unsplash

Снежни врнежи се регистрирани во Лос Анџелес, Холивуд и други населени места во јужните делови на Калифорнија, додека во Сан Франциско е измерена најниска температура во изминативе 132 години, јавува Би-би-си. Во Сан Франциско во петокот наутро е измерена рекордно ниска температура од 4 Целзиусови степени.

Американските метеоролошки служби издадоа предупредување за снежна бура, ветер и поплави за десетици милиони жители во Калифорнија. Лос Анџелес – милионскиот град познат по палмите и сончевите денови во петокот за првпат по повеќе од три децении беше под предупредување за снежна бура.

Во петокот, луѓето во градот се восхитуваа на непознатата глетка на снежниот бран околу холивудскиот знак на планината Ли.

Националната метеоролошка служба на САД предупреди дека најверојатно ќе има значителни снегови на планините од петок навечер до сабота наутро, со големи влијанија врз патувањето и инфраструктурата:

„Можни се соборени дрвја и далноводи. На пониските височини може да има значителни снежни врнежи во области каде што снегот е невообичаен“.

Планинските области во Калифорнија може да очекуваат снежна покривка помеѓу 60 сантиметри и 2,1 метри, а во некои области се објавени предупредувања за лавина.

Меѓу другите делови на Калифорнија каде што снежните врнежи се реткост, а е најавен снег, е и пустината Мохаве.