Свет Јужна Кореја тврди дека има план за целосно уништување на Пјонгјанг

Јужна Кореја тврди дека има план за целосно уништување на Пјонгјанг

Јужна Кореја има план за целосно уништување на севернокорејската престолнина Пјонгјанг, доколку тамошните власти покажат каков било знак дека подготвуваат нуклеарен напад, објавила јужнокорејската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на воени извори, пренесува „Би-би-си“.

Воени извори за агенцијата рекле дека секој агол во Пјонгјанг „ќе биде целосно уништен со балистички ракети и со високо-експлозивни гранати“.

Северна Кореја во петокот ја изведе петтата и најсилна досега нуклеарна проба, што предизвика жестока реакција на меѓународната заедница. САД и Јапонија ги разгледуваат можностите за воведување унилатерални поостри санкции кон Пјонгјанг.

Претставник на јужнокорејската војска за „Јонхап“ рекол дека делот на Пјонгјанг, во кој, како што се смета, живее лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-Ун, би бил особено изложен на удари.

Престолнината на Северна Кореја, додал изворот, „ќе биде претворена во пепел и целосно ќе исчезне од светската мапа“.

Дописникот на „Би-би-си“ задолжен за Северна и за Јужна Кореја, Стив Еванс, наведува дека Сеул сега ја користи истата остра реторика, од која се замрзнува крвта во вените, што Пјонгјанг често ја употребува кога зборува за јужнокорејската влада.