Свет Европа Јункер и Меј не постигнаа договор за Брексит, преговорите продолжуваат

Јункер и Меј не постигнаа договор за Брексит, преговорите продолжуваат

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денеска соопшти дека сè уште не е постигната целосна согласност со Британија за понатамошните чекори во процесот на нејзиното напуштање на Европската Унија.

Тој по средбата со британската премиерка Тереза Меј изјави дека и покрај напорите, не било можно да се постигне целосен договор, но дека тоа не го смета за неуспех, туку само за почеток на следната рунда. Тој рече дека очекува разговорите да продолжат при крајот на неделата.

– И покрај големите напори и напредокот постигнат во изминатите денови, има потреба од дополнителни преговори. Денеска ги приближивме нашите позиции, а подготвени сме да ги продолжиме преговорите подоцна неделава. Тереза Меј е тежок соговорник, таа енергично ја штити позицијата на Британија, а и јас го правам истото во име на ЕУ – изјави Јункер.

Според Меј, во преговорите бил постигнат голем напредок, но остануваат некои разлики во ставовите. Меј четири часа преговараше со Јункер – далеку повеќе од превидениот рок за оваа средба, а потоа замина на средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.