Македонија Јашари: Да се донесе нов Закон за специјалниот јавен обвинител

Јашари: Да се донесе нов Закон за специјалниот јавен обвинител

Прашањето за специјалниот јавен обвинител кој е дел од преговорите на работните групи и од Договорот од Пржино најдобро ќе се реши со усвојување на нов закон, смета министерот за правда, Аднан Јашари, објавува „Алсат М“.

Според министерот ако се донесе нов закон нема да има конфликт со надлежности на Јавното обвинителство.

Ако четирите политички партии кои преговараат не покажат волја за ова, Јашари препорачува да се смени актуелниот Закон за Јавно обвинителство и да се прецизираат прашањата за функционирањето на специјалниот обвинител.

-Можеме да дојдеме во ситуација кога за време на своите активности, специјалниот обвинител ќе се соочи со конфликт на надлежности и конфликт во процедурата. Затоа мислам дека моментално најдоброто решение би било да се донесе специјален закон. Ако евентуално не се постигне оваа варијанта, останува да се смени актуелниот Закон за Јавно обвинителство, врз основа на кој би се прецизирале или би се конкретизирале прашањата со надлежностите на специјалниот обвинител, одговорноста на обвинителот, процедурата на специјалниот обвинител и други прашања кои се поврзани со функционирањето, организацијата, но и именувањето, односно неговото избирање”, изјави министерот за правда Јашари.

Министерството за правда веќе има изготвено нацрт правни верзии за трите можни опции за уредување на работата на специјалниот обвинител. Подготвените верзии  и се доставени на работната група која треба да постигне политичко решение меѓу трите предложени верзии.

Главната задача на специјалниот обвинител ќе биде да ги истражи наводите од аферата со прислушуваните разговори и случајот „Пуч“.