Подглавна секција Израел и Хамас се согласија на привремено примирје за да се ослободат...

Израел и Хамас се согласија на привремено примирје за да се ослободат 50 заложници

Договорот вклучува ослободување на 50 од заложниците кои Хамас ги зароби за време на нивниот напад врз Израел на 7 октомври, како и ослободувањето на 150 палестински затвореници во Израел. Оваа размена би се случувала за време на четиридневно примирје

Појасот Газа / NASA, Public domain, via Wikimedia Commons

Откако функционери на Хамас и САД изминатите денови изјавија дека договор за привремено примирје во Газа е на дофат, Израел потврди дека стигнале до договор со Хамас, кој би вклучувал размена палестински затворенизи во Израел за заложниците кои Хамас ги заробија за време на нивниот на напад врз Израел на 7 октомври, известува Би-би-си.

Според договорот, Хамас ќе ослободи 50 заложници во текот на четири денa, во кои ќе има примирје. Во соопштение од кабинетот на израелскиот премиер, Израел вели оти ослободувањето на секои дополнителни 10 заложници ќе доведе до уште еден ден во примирјето.

Точниот почеток на привременото примирје ќе биде најавено во следните 24 часа.

Израел ќе ослободи 150 палестински затвореници кои служат казна во Израел. Израел објави список на 300 палестински затвореници, од кои ќе се одберат 150 да бидат ослободени.

Повеќето затвореници на списокот се тинејџери. Причините за казните вклучуваат обид за убиство, напади со камења и фрлање бомби.

Сепак, Израел предупредува оти овој договор не претставува крај на војната, бидејќи на израелската влада сè уште ѝ е цел да се „уништи Хамас“. Дополнително, имајќи предвид дека сè уште не е започнато примирјето, Израел продолжува со нивната офанзива, како што може да се види по нападите во јужниот град во Газа Кан Јунис.

Според Катар, што служеше како клучен посредник во договорот, ќе се дозволи зголемено ниво на хуманитарна помош во Газа, вклучувајќи медицински залихи, храна и гориво.

Американскиот претседател Џо Бајден го поздрави договорот.